Надењка, или тетратката пишуванки на нараторот

by Miles Johnston.jpgненасловено дело од Мајлс Џонстон

Вечно осудена да ѕиркам во можната лавина под нашите нозе

 

Послужена со шега во шепот

непослушни недослушувања

на гласот ветерници
                   – сопнувања

недоречености
недовршености
совршени
снегулки
на моето палто
четиризрачна снежинка, „јас
ве љубам, Надењка.“

 

Не, г-дине Павлович,
вие љубите уште еден расказ во вашата тетратка.

 

***

Песнава е напишана 2009. 🙂 Тогашниот блог ми се викаше Домот на Надењка Ш. Зузакова, т.е., Надењка Шеќернолимонова Зузакова.
Инспирација за песната и името на блогот беше расказот „Мала шега“ од Антон Павлович Чехов.

20180819_140609

транзистори на скопски фрекфенции

во тебе живееме јас и твојот транзистор од на татко ти средно прва
смогот нè чува едни од други
градот ќе нè задолжи на доживотно паметење
на скопје во 90-тите со лузните на чело
срцето ти е ремек-дело на папрадишки копаничар
црвите ни се вселуваат во пар со споделена кирија
транзисторот, градот и јас, никој не нè допира
па мораме сами, си наоѓаме мани
искривено,огледалото ни простува
во ќошето на петтото ребро ти заросува
златно славејче на телевизија, оливера ме издава
песната ја напишав, стихот, по обичај, задоцнува

23.png

 

Навахо вели

Наречи ме Ќерка на огнот што згаснува
сите мои патишта веќе не постојат
Наречи ме Спокоен дух но немирен
јас ги носам жолтите лисја што ја носат пролетта
Се колнам ти ги свириш сите инструменти
што им ги зашија устите на Индијанците
Немаме песни ние
Носи ги телата наши крвави
на твојте оптегнати тапани
Ме нарекуваат Дете на Четвртиот свет
ме грешат за кралица
Нè дават во терпентин
па нè изложуваат како поставка
Висиме од обетките на младите и старите
закачени сребрени и златни преку градите
Ја одучивме Смртта-цицалче за крај нас да чекори
нашиот јазик е слепи звуци, неми знакови

Навахо патува со скакулецот
Навахо ја моли земјата да замре
Навахо е на гаврановото сонце крадецот
Навахо е тест за човечноста да падне

 

***

Инспирација беше Навахо од Масего изведена на Colors Show. Иако тој зборува за маж кој се заљубува во жена која, колку што разбрав, тргнува по погрешниот пат во животот, најверојатно и се продава за пари, песната се престори во нешто посветено на судбината на Навахо Индијанците – нивното замолчување и потоа, денешната комодификација на староседелската американска култура воопшто, во модерна, кул облека/додатоци и тврдења за индијанско потекло затоа што е ин да се биде различен и дел од маргинализирана група. Не ми беше замисла песната да се претвори во нешто олку, политичко, претпоставувам е зборот? Сепак ми се допаѓа делото на Масего и мислам дека мојава песна излезе интересна… барем се надевам дека е така.

Четвртиот свет е дел од верувањето на Навахо Индијанците за постоењето на четири света: Првиот или Мрачниот свет каде што биле создадени Првиот маж и Првата жена но каде заради темнината немало живот, Вториот или Синиот свет населен со само неколку од овдешните видови цицачи, Третиот или Жолтиот свет кој бил на југ но кој морале да го напуштат поради голема поплава и Четвртиот или Сјајниот свет кој е всушност овој свет каде се создала Смртта, годишните времиња, месечината, ѕвездите и сонцето.

Покрај На-Дене јужниот атхабаскански јазик којшто го говорат, Навахо Индијанците користат и Навахо знаковен јазик.

Пролетта 1864, околу 9.000 припадници на Навахо племето се депортирани и врз нив е извршен обид за етничко чистење. Овој настан е познат како Долгиот од, за време на кој Навахо Индијанците се присилени да изодат повеќе од 480 км. до Боске Редондо, Ново Мексико. Дел од нив умираат, дел од оние кои не можат да продолжат понатаму се егзекутирани од американските војници. Престојот, т.е. затворот таму Навахо Индијанците го нарекуваат Времето на стравувањето – во тој период владата не озбезбедува основни услови за живот, снемува храна, се шират болести, дел од луѓето измрзнуваат до смрт, дел се убиени или киднапирани за да бидат продадени како робови од непријателски племиња, војници и цивили во Боске Редондо или на патот назад до резерватот.

 

Каењето на Танос

разнебитив сè небаре честички прав
разочарува и исклучително ужаснува
за колку безначајно сето го сметав
жртвувам празнотија наместо срце
за да добијам душа
но, мала
о, малечка
мене ништото ме фатило за гуша
создавам светови
за да се усовршам убивајќи те
меѓу палец и показалец
те мелам како бубаче
те отстранувам дел по дел
те сакам како што ѓаволот би
сè што чувствувам си ти
кога времето ќе заврши
крај покрај
да седнеме, елај си
на работ од бесконечниот крај

Реквием на сино

запретав сила во својата слабост
стојам пред тебе, клекната
ѓонот од сандалките нежно
молчи под моите две полутопки – јаболчиња
црвена сум одвнатре и под клепкиве
образите ми горат сино
твојата буква се слизнува по нив
син фустан (го украдов од креденецот
на туѓи спомени, и таму некоја
семејна историја заклучена во нив)
шушкам со допири
црвена светилка во собата,
и твоите зеници ја носат ноќта
во аголот на твоите светнати чевли
курви даруваат љубов во
декасилабични стихови

Шекспир би убил за ваков сетинг
ѓонови кои изодеа калдрми
на погреби и свадби
се кријат под мојот син фустан
син како твоето име
си се склопчил пред мене во
црн столб, светилник за
загубени бродови
рацете в џеб
ти грчат стравови

Вака се пишува поезија

Не се будам

Одам на работа

Ги бројам мртвите

Стрелките на часовникот

Што ми ги ставаат в скут

Ги именувам празнините

Меѓу забите

Светот ме живее

Еден ден уште

Си персираме

Одам в кревет кога

Чувствувам сум го уморила

Вака јас пишувам поезија

Градот

Погледни ја мојата река како змија од уморно сребро
Моите бронзи како пломби на омразен заб
Моите плажи кои со мирис се лепат за тебе
Мојот брод без капетан

Погледни ме како играм по калдрмата
Во `63-та толку се занесов што се отворив сам
Погледни како за вас го чувам часовникот од времето
Под стапалата, јас онолцкав, кријам град Голијат

Вие, урбани магови, во вашите пештери на катови
Ме оставате надвор каде птиците уште само
Како пчели ви ги збираат гласовите
од улиште до улиште
од улиште во улиште
А тие прозорци очи урокливи се
Оти ми го сечат небото на стаклени залаци
Каде в зима со гранки соголени
Се јавувам како астматичар на рендген снимки

„Градот невозможен, непостоен, сонет
сронет во саѓосан поучен спомен
Градот разграден, ограден, огрден од себе
На изгрејсонце се обиде да ме заведе
Во разговорите меѓу долгите нозе на убавиците
Каде се чуваат мислите на заљубените момчиња
Кои купуваат погрешни билети на станиците.

Градот кој ме заведе вечерта
изгубен во луѓето кои се движеа
како лепак и песна на ластовичка.“

Таа – Анте Поповски

Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа која бесконечно молчи
и онаа која го слуша моето молчење.

Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа која бесконечно чека
и онаа која влегува во своето чекање.

Никојпат не е таа сама.
Таа се две: онаа што е распната
и онаа која ги кове клинците врз себе.

Оваа песна до бесконечности продожува
зашто никојпат не е таа сама:
сама се чита – сама се пишува

Сама себеси врата – сама себеси клуч

Мојот љубовник е чудовишен ангел

Мојот љубовник е чудовишен ангел кога заспива
Сенката започнува да му нараснува со секое издишување
Во 2:35 Тој е Спалната
Ги отворам трите врати на едната соба
Звуците од улиците исплашено ги плазат јазиците
Но, не се осмелуваат да влезат

Мојот сакан е Насмеан Буда кога спие
Главата ги прегнува молкот и мракот и ги пика под перница
Пред денокршење си ги ставам белите дробови во фрижидер
Се надевам дека ова ќе му е доволна казна
за никогаш повторно
да не се осмели
да ме напушти в сон

Мојот драг е дремливиот К`тулу од Папрадиште
Очите ги џвакаат душеците
Пред будење ги плукаат пердувите
Му ги газам ушите за да мисли дека стои кога лежи

Во утринската чинија
ми раскажува
како правилно се обессеменуваат калинки
Се допираме
како странец
на кој е најпаметно да му веруваме
Двајцата знаеме дека има пиено речно
Ждрига што значи дека е време за работа
Излегува на ќошот и се соблекува
78-годишната комшивка вреска
Седнувам да го довршам цртежот
Во полумрачниот кревет
неговата сенка
ми ги покажува контурите на вчерашниот сон
Се смешка, ми ги јаде боите
сè додека прстите не ми потрнат

часовници

заедно почнавме вака
знаејќи дека сме обични
знаејќи дека љубовта ни е просечна
знаејќи дека среќата ни е секојдневна

одлучивме следно
да не ги споделуваме омилените работи
да не ги валкаме со сеќавања за нас

превентивно
чуваме потсетници за работите во кои уживаме
запишуваме парчиња облека
што не смееме да ги носиме кога сме заедно
книги и филмови кои треба да ги штитиме
од минатото што ќе дојде

оти душите ќе ни побрзаат со ветувања
што телата не можат да ги одржат
оти од претераната дентална хигиена
ги доведов забите до расипување
оти твоите рани симптоми на остеопороза
се погласни од нашите усни на допирање

оти дури и да сме од ѕвезден прав љубовници отелотворени
тоа се и сите останати
а правта се расфрла и го тера ветерот на кивање и болки

можеби пред да се срониме
ќе се залепиме еден за друг
како мувла на отстојан леб
заљубени и во години
шизофрени и подзаборавени
со болен ум
и радосно срце
низ очила со диоптер
ќе го гледаме светот розово
ќе бараме мапи од овој град
каде сме ги поминале животите
но каде пристигнуваме секој ден
искусувајќи го за прв и последен пат
оти телата никогаш не ни забораваат
на забите кои ги немаат
и коските кои крцкаат
со сказалките на саат
додека рацете ни извлекуваат
песни, поеми, облека
книги и филмови
хартиени сувенири на лагер
што ќе ни биде в сеќавање тогаш,
зборовите или времето во кое сме ги пишувале?
време победува камен
камен победува хартија
хартија победува време
време победува